Победата е извесна и ќе ја донесе волјата на народот

Победата е извесна, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на говорот во Велес, по повод годишнината на Унијата на млади сили на партијата. Тој истакна дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо и дека тоа ќе биде порака дека доаѓа времето на Македонија.

Критики до СДСМ за политички отстапки и надворешни уцени

Мицкоски се осврна на настапите на лидерот на опозициската партија.

„Го слушам лидерот на опозицијата вели дека СДСМ ги градела темелите на Македонија. Која Македонија Венко? Кои темели ги градевте? Онаа држава на која и го сменивте името? Онаа држава на која и го сменивте знамето, уставот…. или ја уценивте со бугарски диктат, за кој сега велите дека единственото решение е да прифатиме сѐ што бараат Бугарите. И самите тие знаат дека проблемот не е смена на уставот, туку промена на идентитет. Јасно е како бел ден, тоа се гледа на отворена сцена, тоа секој ден го повторуваат бугарските политичари, и сите тоа го слушаме и знаеме само нашата опозиција тоа не го гледа. Уплашени се да не помине резолуцијата за македонскиот јазик, повеќе него бугарската влада. Затоа што 7 години не помрднаа со прст да ја раскажат вистината за уцените и блокадите и сопките на источниот сосед. Така се бранеа себе си и ја наведнуваа главата и кичмата затоа што така купуваа поддршка и мислеа ќе ги остават на власт, заборавајќи дека народот го има крајниот збор. И денес не ги научија лекциите, истата матрица и реторика. Бугарските позиции во Македонија СДС ги брани подобро од Ковачев во Европскиот парламент. Што само укажува дека нивната тактика е да се додворуваат на секој на меѓународна сцена, ќе прифатат сѐ што треба само да дојдат до власт. Но тоа нема да се случи, затоа што народот добро ги препознава ваквите игри кои се директно на негова штета и штета на нашата заедничка иднина.“

Изборите ќе бидат борба за правда и систем без корупција

Мицкоски одговори и на изјавите за предвремени избори.

„Не сум сигурен дали ги сакаат, или толку им се брза да продолжат да бидат во опозиција. Сакам да порачам дека наредните два изборни циклуси – локалните избори кои следат и парламентарните избори – кога и да се одржат, ќе бидат борба за две големи работи од кои зависи иднината на државата. Првата е правдата и борбата против системот кој ги штити криминалците. Втората – борбата за реформи и декласирање и превоспитување на ДУИ. И како што ветив дека ДУИ ќе оди во опозиција, и тоа беше моето прво исполнето ветување, така сега ви кажувам: во оваа држава мора да има ред и да се почитуваат законите. Пречка за тоа е корумпираниот систем кој го затекнавме и десетиците извршители на криминалците во партиите, во институциите и во обвинителството и судството кои се составен дел од мафијата која со децении се создаваше во тој свет, поврзана со разни личности од разни партии.“

„Сосема извесно е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат и дека има шанси СДСМ да остане и без една освоена општина. Тоа за мене е потврда за огромната поддршка од народот, но и огромна одговорност.“

Одговорност пред граѓаните и контрола врз трошоците на функционерите

Мицкоски нагласи дека одговорноста пред народот не е декларативна туку секојдневна.

„Обврската која ја добивме од граѓаните пред сѐ значи одговорност, која не се гледа само во начинот на кој се води политиката туку и според начинот на кој се однесувате во секојдневието. Секој еден функционер треба да има на ум дека народот живее тешко и дека мора одговорно да се однесува секој од владата кон секој еден народен денар со кој управуваме.“

Тој најави мерки за контрола на трошоците.

„Ќе предложам во периодот што следи секое едно службено патување од поголем карактер да биде претходно одобрено од владата. Ќе донесам и препорака да се стопираат сите трошоци за репрезентација на сите владини функционери, освен оние трошоци што се за пречек на странски делегации и меѓудржавни протоколарни средби.“

Во дел од пораката до функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, рече:

„Има добри примери, но има и неколку примери кои можат и мора да работат посилно. На секоја година ќе има ревизија на работењето на секој еден функционер. Не смее никој да заборави од каде доаѓа, од каде произлегол, кој ги донел на власт и каде ќе се вртат по власта. Мора да останете сервис и на услуга на народот постојано.“