Роберт Бадентер, француски адвокат и политичар, почина на 95-годишна возраст. Бадентер е поранешен социјалистички министер за надворешни работи на Франција. Роден е во 1928 година во Париз. Бил и професор по право на Сорбона, претседател на францускиот Уставен совет и сенатор на француското национално собрание. Во својата долгогодишна правна и политичка кариера првенствено се залагаше за укинување на смртната казна во Франција, што му успеа во 1981 година. Кога Франсоа Митеран стана претседател во мај истата година, тој го назначи Бадентер за свој министер за правда. Укинувањето на смртната казна стана приоритет на новата социјалистичка влада, но тоа наиде на силен отпор во некои области.
Во времето на распадот на Југославија, Бадентер беше претседател на арбитражна комисија во рамките на Мировната конференција за Југославија во 1991, која стана позната како Бадентерова комисија. Таа оцени кои републики можат да бидат меѓународно признати, при што рече дека во тој момент тоа можат да бидат само Словенија и Македонија. Сепак Македонија не виде благодет од ваквата препорака на комисијата, бидејќи беше блокирана од Грција. Бадентер стана дел од секојдневниот политички живот во Македонија и со таканареченото Бадентерово мнозинство, кое почна да се применува по воениот конфликт во 2001 и предвидува вклучување на малцинските етнички заедници во носењето важни одлуки. Бадентеровата комисија беше арбитражна комисија формирана од Советот на министри на Европската економска заедница (ЕЕЗ) на 27 август 1991 година, чија задача беше да промовира мирно разрешување на кризата со решавање на спорни правни прашања во поранешна Југославија. Роберт Бадентер беше назначен за претседател на петчлената комисија составена од претседатели на уставните судови од земјите-членки на ЕЕЗ. Според мислењето на комисијата, во заклучокот донесен на 29 ноември 1991 година, СФРЈ се распадна, а границите меѓу поранешните федерални единици се земени како државни граници на новосоздадените земји, кои не можат насилно да се менуваат. Оваа одлука ја даде правната основа за признавање на независноста на републиките на поранешна СФРЈ, а врз основа на неа, на 15 јануари 1992 година, земјите од Европската економска заедница (ЕЕЗ) ја признаа државната независност на Хрватска и Словенија во рамките на постојните граници. Овој еврејски интелектуалец, чиј татко починал во германски концентрационен логор, бил честа цел на напади на француската десница, делумно обележана со антисемитизам, објави Ројтерс.