На 41-годишна возраст, вчера во Скопје почина владиниот советник за дигитални комуникации и општествен активист за демократија, Илија Жупаноски.

Жупаноски беше советник за дигитални комуникации на премиерите Заев, Спасовски и Ковачевски и имаше ангажман во демократизацијата на дигиталните комуникации на Владата од 2017 година наваму.

Роден е во Скопје во 1982. Завршил средно економско училиште и економски факултет во Скопје, а магистрирал информациски системи на универзитетот Лунд во Шведска.

Беше еден од младинските активисти кои учествуваа во програмата Економско образование за млади (Junior Achievement), a од крајот на 90-тите учествува во основањето, развојот и професионализацијата на македонската дебатна асоцијација и на Младинскиот образовен форум (МОФ). Беше извршен директор на МОФ од 2007 до 2010 година.