Почина Силјан Мицевски (78), најпознатиот бизнисмен од Битола и поранешен градоначалник на градот.
Мицевски беше градоначалник на Битола во периодот од 1996 – 2000, кога беше и прв човек на градежното претпријатие “Пелистер”, откако претходно го приватизираше. Неговото семејство поседува десетици аптеки „Еуро фарм“ низ цела Македонија. Поседуваше капитал и во повеќе компании низ Македонија што се занимаваат со градежништво. Тој е почесен конзул на Србија кој ја приватизираше градежната компанија Пелистер. Според информациите тој и неговата ќерка имаат низа компании на свое име , а во многу компании и се акционери.
Еден од најмоќните бизнисмени во Југозападниот дел и најбогат во тој регион во бизнисот со ископ и градежништво, поседуваше и недвижности во Битола, Охрид ,Скопје и други градови во Македонија.
Популарно наречениот Циле ги помагаше спортот и културата во Битола, пред се РК Пелистер, и важеше за човек кој лично им помогнал на голем број битолчани.
Силјан Мицевски е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата „4-ти Ноември“ во 1979 година, наградата „Интернационална ѕвезда – златна категорија“ доделена во Париз 2003 г., престижното признание „Личност на Југоисточна Европа“ за 2016 година кое му беше врачено на Универзитетот „Хумболт“ во Берлин, а во 2016 година му беше доделено државното знаме на Република Србија.