Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница разгледа десет приговори поднесени од граѓани во врска со нивното лично избирачко право. Од нив, седум беа одбиени како неосновани, а три беа прифатени, со што на трите лица им е овозможено утре да гласаат. Според одлуката, тие ќе можат да го остварат своето право само со приложување на решението издадено од ДИК, кое ќе им послужи како правен основ за внес во дополнителниот образец на Избирачкиот список.

Одбиени се приговорите на Радица Радеска и Гордана Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди и Иџел Камбери од Желино, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово.

Комисијата донесе и одлука за поништување на потврдена листа за членови на Совет на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ), откако било утврдено дека на листата се наоѓа починато лице. „ДИК констатира дека се поништува потврдената листа поднесена од ДНЕТ. Гласовите дадени за оваа листа членовите на избирачките одбори ќе ги евидентираат како неважечки ливчиња“, изјави претседателот Борис Кондарко, додавајќи дека случајот ќе биде проследен до Јавното обвинителство.

Членот на Комисијата Александар Даштевски потсети дека ваков случај имало и минатата година, кога била покрената и кривична постапка, како што е предвидено во вакви ситуации.

ДИК информира дека за утрешните избори се акредитирани 1.463 набљудувачи, од кои 807 домашни, 644 меѓународни и 12 странски новинари. Дополнително, двајца новинари од Радио-телевизија Косово добија дозвола за следење на изборниот процес. На седницата беше усвоена и одлука за доделување дополнителни финансиски средства на општинските изборни комисии.

Претседателот Кондарко соопшти дека седницата останува отворена за евентуално пристигнување нови приговори, појаснувајќи дека јавноста ќе биде известена доколку има продолжение, а во спротивно ќе биде затворена утре.