Почна првата фаза на конзервација и реставрација на скопскиот  Аквадукт, откако неодамна Владата донесе одлука да го прогласи за културно наследство од особено значење. Според министерката за култура, Ирена Стефоска, заштитата е скапа работа, но не е ништо во однос на ова културно добро.

Стефоска на денешната прес-конференција по повод отпочнување со конзервација на скопскиот Аквадукт, посочи дека е еден од последните на Балканот кој е сочуван во целина. Но за жал, како што рече, не можеме да се пофалиме дека тоа е по наша заслуга.

-Затоа, го нареков ремек дело на старите градители кој што им пркосело на вековите, на природните непогоди, на војните и на луѓето. Сега имаме шанса тоа да го исправиме, тоа и го правиме. Неодамна Владата донесе одлука за прогласување на Аквадуктот за културно наследство од особено значење под категорија исклучително значење поради тоа што овој величествен споменик поседува вредности не само од големо национлано значење, туку тој му припаѓа и на човештвото, рече Стефоска.

Затоа, според министерката, скопскиот Аквадукт го доби највисокиот степен акт на заштита. Тоа, како што рече, овозможува трајно зачувување на неговите вредности во културна и во историска смисла, заштита на архитектурата и на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот аспект на локалитетот.

Со тоа, подвлекува министерката, конечно почнува и неговата физичка заштита.

-Аквадуктот не е градежен материјал за несовесните и несвесните, ниту пак е сеф со некакво скриено богатство за крадците. Напротив, самиот аквадукт е скапоценост. Убедена сум дека институциите ќе го вложат сето знаење и умешност во неговата заштита, рече Стефоска.

Таа напомена дека имаме обврска Аквадуктот да го промовираме пред светот, кој ја препознава вредноста на овие споменици и ги става на туристичките мапи како атрактивни дестинации.

-Но, пред тоа неговата вредност треба да ја промовираме дома затоа што за жал, имам впечаток дека повеќето знаат каде се наоѓа „Сити мол“, но не знаат каде е овој древен водовод и што тој претставува. Убедена сум дека од денеска Аквадуктот го добива заслуженото внимание и грижа, додаде Стефоска.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов на денешната прес-конференција посочи дека станува збор за обемна и скапа работа и веројатно ќе изискува подолг период.

-Сега ја почнуваме работата од нулта позиција, а тоа е овде на лице место првин да се зачува физичката состојба на Аквадуктот. Драго ми е што ќе отпочнат работите и се надевам на добра и успешна завршница, додаде Костов.

Како што рече, ќе се работи на повеќе сегменти, ќе бидат инволвирани повеќе стручни лица од различни области, архитекти, конзерватори, историчари и останати.

-Се надевам дека ова ќе биде почеток на еден план каде Аквадуктот ќе добие соодветно место за Скопје и за сите туристи и останати граѓани во државата. Се надевам дека ќе се вклучат и останатите фели, ова ќе биде еден простор многу убав за различни манифестации, за младите, за културата, спорот и останатите, посочи Костов.

Според директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски, оваа година е многу значајна во делот на заштита на нашето наследство.

-Најпрвин се почнува со акитивности околу каналот, односно водите што некогаш овде биле во изобилие, ќе ги насочуваме кон другиот канал. Следна постапка е зајакнување на столбовите. Тука сме да го зачуваме ова дело, да има еден бенфит за самата наша држава во сите погледи, рече директорот Чапкановски на денешната прес-конференција.