Според најавите од партијата, на средбата ќе се разговара за осудените во случајот „27 април“ и за актуелната политичко-економска состојба.
Претседателот Пендаровски по најавата за денешната средба само кусо коментира дека е добро што по девет месеци некомуницирање, се воспоставила комуникација со институцијата претседател на Македонија.
Мицкоски на брифинг со новинарите, рече дека на ваков начин се одмрзнуваат односите меѓу партијата и претседателот Пендаровски, затоа што, како што посочи, на земјава и е итно потребен дијалог меѓу политичките чинители.
Средбата била закажана по телефонскиот разговор што го имале Пендаровски и Мицкоски, на барање на лидерот на опозицијата.
Премиерот Зоран Заев денеска претходно го го поздрави дијалогот на шефот на државата и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но, нагласи дека не очекува ништо од денешната средба по однос на прашањето за настаните од 27 април во Собранието.
– Не очекувам ништо. Убаво е што има дијалог. Дијалогот може да носи резултати. По основ на прашањето за 27 април не очекувам ништо, ниту може претседателот на државата да аболицира или амнестира настани кои се поврзани со терористичко загрозување на уставниот поредок, ниту пак е дозволена таква работа да се направи. Но, од разговор нема зијан. Нека направат муабет, дај Боже да има повеќе консензус во државата и во делокругот на надлежностите на претседателот, како и делокругот на надлежности на опозицијата, пред се, доминантен фокус во Парламентот, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање по присуството на поставување камен темелник на нова фабрика на ЛЕАР во ТИРЗ Тетово.