Премиерот Христијан Мицкоски на самитот за проширување организиран од „Еуроњуз“ во Брисел порача дека Европската унија мора да покаже дека нејзините основни вредности не се празни зборови, осврнувајќи се на односот на Бугарија кон Македонија и блокадата на нејзиниот евроинтегративен процес.

„Ако некој се осмели да малтретира некој друг што сака да се приклучи на клубот, зошто другите би молчеле?“, праша Мицкоски, алудирајќи на ветото на Софија и условувањата кон Македонија. „Ако еднаш го прифатиме овој принцип, тој ќе ги уништи сите вредности изградени од Шуман, Де Гаспери и Аденауер,“ додаде тој.

Македонскиот премиер потсети дека земјата веќе две децении чека да ги отвори преговорите со ЕУ, иако почнала заедно со Хрватска. „Граѓаните на мојата земја ме прашуваат во што е проблемот сега. Зошто повторно да го менуваме нашиот устав?“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека иднината на Македонија е во Европската Унија, и покрај разочарувањата и чувството на понижување.

„И покрај сите понижувања и разочарувања, кои се дел од моменталната фрустрација на нашите граѓани, ние ги споделуваме истите вредности,“ истакна тој.

Според „Еуроњуз“, Бугарија и натаму инсистира Македонија да ја признае „заедничката историја“ и бугарските корени на македонскиот јазик, како и да го измени Уставот за да го внесе бугарското малцинство. Многу Македонци ги сметаат овие барања за удар врз националниот идентитет.

Во извештајот се наведува дека додека Албанија напредува во процесот на пристапување, Македонија останува заглавена – преговорите се формално отворени, но ниедно поглавје не е почнато. Јавниот ентузијазам, според анкетите, опаѓа: мнозинството сè уште го поддржува членството во ЕУ, но сè помалку верува дека тоа е реална цел.

На самитот зборуваше и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кој ги повика земјите-кандидатки да направат јасен избор.
„Партнерите за пристапување мора да одлучат дали имаат решеност да продолжат со својата трансформација на Европската Унија или дали претпочитаат да останат заробени од болното историско наследство,“ рече Коста.

Оптимизам изрази и премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, кој изјави дека земјата планира да ги затвори сите преговарачки поглавја до крајот на 2026 година и да стане 28-та членка на ЕУ до 2028 година.
„Во последните четири или пет години успеавме да го удвоиме нашиот БДП. Тоа би можело да ја позиционира Црна Гора како нето придонесувач во фондовите на ЕУ, а не како примател,“ изјави Спајиќ.

Коста во завршниот дел од говорот порача дека ЕУ нема време за двоумење кога станува збор за проширувањето. „Европската унија мора да одлучи дали може да си дозволи да изгуби повеќе време и дали е подготвена да се прилагоди на геополитичките реалности,“ рече тој, неименувајќи ја директно Унгарија, која според „Еуроњуз“ е главната пречка за пристапувањето на Украина.

Во изминатите месеци, Коста се обидувал да најде начин да го заобиколи унгарското вето, но засега без успех.