Со свечена церемонија, но и под силно полициско обезбедување денеска во центарот на Скопје беа отворени нови простории на бугарскиот Културно-информативен центар. Настанот помина во мирна атмосфера и без инциденти.
На официјалното отворање присутни беа министерката за култура на земјава Бисера Костадиновска-Стојчевска и нејзиниот бугарски колега министерот Велислав Минеков. По свеченоста, тие за новинарите изјавија оти се среќни по повод денешниот настан чија цел е, како што рекоа, зближување на двата народа.
„Универзалниот јазик којшто нашиот Културно-информативен центар во Софија и овој Центар во Скопје ќе го зборуваат е јазикот културата. Денес заедно со министерот на Бугарија се согласивме дека онаа програма која ние како две држави ја имаме потпишано за поддршка во областа на културата е и тоа како добро срочена и разработена и ќе се придржуваме кон истата. Ако имаме некое дополнување, можеме да пристапиме и кон некои нови програми“,изјави министерката Костадиновска-Стојчевска.
Бугарскиот министер за култура, пак, во кусото обраќање пред медиумите ѝ се заблагодари за гостопримството на македонската колешка и кажа оти македонскиот и бугарскиот народ се братски народи.
„Ова е уште еден мост, уште едно зближување, сепак сме братски народи“,изјави министерот за култура на Бугарија, Велислав Минеков.
Одговарајќи на новинарско прашање дали двата бугарски клуба во земјава, „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, придонесуваат за зближување на двата народа, Минеков изјави дека „тоа треба вие да го оцените“.
„Вие ќе оцените дали придонесуваат. Денеска се зближуваат двата народа и среќен сум поради денешниот настан“, кажа бугарскиот министер и додаде дека не смета оти е неопходно ваквите настани да поминуваат под големо полициско присуство.
Министерката Костадиновска-Стојчевска, во одговор на новинарско прашање дали не е провокација оти бугарскиот пратеник Костадин Костадинов неодамна изјави дека „Македонија е втора бугарска држава на Балканскиот Полуостров“, таа рече дека таквите изјави се најмалку европски и дека воопшто не одат во прилог на настан како денешниот.
На таквата изјава на Костадинов реагираше нашето Министерство за надворешни работи, кое упати вербална нота до Софија, оценувајќи дека ваквите ставови се директно спротивни на духот на Договорот за пријателство во чија суштина е меѓусебната почит како основа за унапредување на добрососедските односи и не се во духот на европските вредности и нашето заедничко евроатланско сојузништво.
Во нотата од 21 октомври МНР изрази крајно незадоволство од содржина на изјавата на Костадинов во Собранието во Софија во која јавно се изразуваат иредентистички и територијални претензии кон земјава.