За просветните работници, односно за наставниците и професорите, задолжителен е сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 во последните шест месеци или негативен лабораториски тест два пати седмично (секој вторник и петок), а трошоците за тестирањето ќе биде на товар на просветните работници.

Слични се условите и за учениците, односно и за нив ќе биде потребен документ поврзан за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација, доколку се постари од 12 години или потврда за прележана болест во последните шест месеци или изјава по направен селф тест, задолжителен два пати седмично (секој вторник и петок).

Како и минатата учебна година, кога по карантинот се отворија училиштата, така и сега, учениците кои не се вакцинирани или се помали од 12 години ќе се тестираат со бесплатни тестови за домашна употреба, односно т.н. селф тестови, кои веќе се достапни во аптеките.

Селф тестот е задолжителен два пати седмично, учениците ќе треба секој вторник и петок на училиште да носат потврда со негативен резултат од тестирањето направено до 24 часа пред пристигнувањето.

За разлика од лани кога во случај на Ковид-19 целото одделение или клас, по потврдениот случај или потврдените случаи продолжуваа со онлајн настава, оваа учебна година, наставата со физичко присуство ќе се прекине само доколку има 50 отсто плус еден позитивен случај од вкупниот број на ученици.

При позитивен случај на Ковид-19, ученикот ќе биде во изолација најмалку десет дена и во училиште откако три дена ќе биде без температура и нема да има други симптоми.

Посебни правила има за блиските контакти на потврдениот случај, односно во период од седум дена потребно е дополнително тестирање на класот или одделението.

Доколку се работи за невакцинирани ученици или наставници два рапид теста, а за вакцинираните доволни се два селф теста.

Намерата на грчката Влада е наставата да започне и да заврши со физичко присуство на учениците и училиштата да останат отворени, нешто што вчера, од Солун, го повтори и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Нашата намера е училиштата да останат отворени. Имаме многу јасни протоколи кои ни ги посочи Комисијата на експерти во однос на тоа кога би се затвориле училиштата. Очигледно е дека во овој момент не сум во позиција да го предвидам текот на пандемијата од моментот кога ќе отворат училиштата. Тоа е непознато, не само за Грција, туку за целиот свет и сите во овој момент го следат тоа. Што е сигурно? Дека треба да го зголемиме процентот на вакцинација на децата над 12 години, рече Мицотакис за време на вчерашната прес конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун и упати апел до родителите и учениците да се вакцинираат.

Паралелно изрази задоволство што осум од десет просветни работници се вакцинирани, со што Грција во овој дел е многу повисоко од други европски земји.