Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со каратистот Петар Спасеновски. Овој 24-годишник од Расадник, пред еден месец се врати со бронзен медал од ЕП во карате кое се одржа во Газијантеп, Турција. Репрезентативецот на Македонија, кој е член на КК Макпетрол, во борбата за бронзениот медал во категоријата до 84 килограми слaвеше против Оз Мурат од Турција со 2-0. Со градоначалникот на Кисела Вода, поразговара околу своите досегашните успеси.
Имено, во 2019 од Данска се врати со европско злато, а три години пред тоа од ЕП во Кипар донесе бронза за македонското карате. Инаку е студент на правниот факултет, кој целиот свој животен ритам, покрај на подготвувањето на испитите, го има подредено на спортот и тренинзите. Успехот бара дисциплина, што очигледно дава резултати, беше заедничкиот заклучок од денешната средба, на која градоначалникот Ѓорѓиевски му се заблагодари за афирмацијата на македонскиот спорт и му укажа дека може да смета на финасиска поддршка од својата матична општина, Кисела Вода.
Каратистот Спасеновски, пак, вети дека од следното првенство ќе се врати со златен медал.
Впрочем тоа многу брзо ќе има шанса и да го докаже, бидејќи веќе утре заминува на Медитерански игри во Алжир, каде ќе се натпреварува на 26 и 27 месецов.