Премиерот даде целосна поддршка на иницијативата за отворање нов рудник за антимон во кривопаланечкото село Луке. За време на собраниската седница посветена на пратенички прашања, тој изнесе детали и за другите рударски спорови во државата. Во своето излагање посочи дека арбитражната постапка за проектот „Казандол“ успешно завршила во корист на македонската влада.
Говорејќи за плановите за рудникот кај Крива Паланка, премиерот подвлече дека проектот наишол на согласност и од страна на локалната самоуправа раководена од кадар на СДСМ.
„За рудникот за антимон во Луке, во Крстов Дол, во паланечко, сум за. И вашиот градоначалник има ист став“, рече Мицкоски.
Тој притоа нагласи дека локалниот градоначалник покажал поинаков пристап во споредба со актуелното раководство на опозицијата и пратеникот што го постави прашањето.
„Тој застана во насока на поддршка на тој рудник за антимон. Поконкретно од ова не можам да ви одговорам“, изјави Мицкоски.
При образложувањето на случајот со проектот „Казандол“, тој потенцираше дека меѓународната арбитража била директна последица на потезите на претходната влада, која еднострано го раскинала договорот. Според неговите зборови, во текот на водењето на постапката постоеле сведочења за обиди за сомнителни спогодби со цел државата свесно да го загуби спорот за големи парични суми.
„Се спомнуваа цифри од 20 до 30 милиони долари, а потоа, нормално, поединци да добијат одредена награда. Но, не знам дали тоа е вистина“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека станува збор единствено за наводи од сведочењата, а исходот на крајот бил исклучително поволен за државниот буџет.
„Како заврши процесот? Со победа на македонската влада. Дури и странката во спорот, украинската компанија, треба да ги плати трошоците за арбитражата. Државата ќе плати нула“, рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на актуелната состојба со рудникот „Иловица – Штука“, премиерот потсети на историјатот на концесијата, која започнала за време на владата предводена од Владо Бучковски. Тој објасни дека подоцна, за време на коалициската влада на СДСМ и ДУИ, Министерството за економија донело одлука за спојување на концесиските подрачја, за која членовите на тогашната влада гласале според официјалните стенограми, а набрзо потоа ја поништиле со нова одлука.
Судскиот епилог резултираше со пресуда на Вишиот управен суд со која се поништи втората владина одлука и повторно на правна сила се врати првичното спојување на концесиите.
„За да се спојат тие подрачја, потребен е анекс на договорот, а анексот на договорот не е регулиран со законот“, рече Мицкоски.
Премиерот заклучи дека институциите нема да преземат чекори кои се спротивни на волјата и интересот на граѓаните на државата.
„Оваа влада, запомнете, никогаш нема да направи ништо што е спротивно на интересите на граѓаните. Јас не ја распродавам државата, туку само го враќам она што вие го распродадовте“, рече Мицкоски.
Како негативни примери од минатото ги наведе прашањата за името, плантажите со марихуана, француските предлози и односот кон македонскиот род, порачувајќи дека власта работи на заштита на националните интереси.
