„Внимавај за да стигнеш. За да стигнеме сите“ е главната порака на новата општествено одговорна кампања во рамки на едукативната платформа „Јас внимавам“. Иницијативата ја спроведува ОКТА во партнерство со Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Кампањата се темели на фактот дека сите учесници во сообраќајот се меѓусебно поврзани и дека однесувањето на секој поединец директно влијае врз општата безбедност. Главниот фокус е ставен на личната одговорност, концентрацијата и навременото препознавање на ризиците за спречување сообраќајни незгоди.
„Безбедноста во сообраќајот започнува со почитување на правилата, но и со свесност дека секоја наша постапка може да влијае врз другите. Возачите треба постојано да ја следат сообраќајната ситуација, да ги проверуваат ретровизорите и мртвите агли и да не дозволат мобилниот телефон или други фактори да им го одвлечат вниманието. Истовремено, сите учесници треба да бидат внимателни и одговорни во своето движење. Преку поддршката на кампањата „Јас внимавам“ сакаме дополнително да ја нагласиме важноста на превенцијата и на одговорното однесување во сообраќајот“, изјави Тошковски.
Преку креативниот концепт „Што пропушташ кога не внимаваш?“, активностите се насочени кон препознавање на опасностите предизвикани од невнимание и користење мобилни телефони при возење. Кампањата ќе се реализира преку комуникациски канали и теренски активности, со посебен акцент на заштитата на пешаците, велосипедистите и корисниците на тротинети.
„Преку платформата „Јас внимавам“, ОКТА континуирано инвестира во подигнување на јавната свест за поголема безбедност во сообраќајот. Годинава кампањата е насочена кон поттикнување на поголема лична одговорност и самосвесност кај сите учесници во сообраќајот, охрабрувајќи ги да застанат за момент и да размислат што можеби превидуваат додека управуваат возило, преминуваат улица или се движат со велосипед, мотоцикл или тротинет. Веруваме дека преку одговорно однесување и поголема грижа кон луѓето околу нас можеме заеднички да придонесеме кон побезбедна сообраќајна средина. Бидејќи нашата цел не е само секој поединец безбедно да стигне до својата дестинација, туку сите безбедно да стигнеме до својата цел“, посочи Пасхос.
„Секојдневното учество во сообраќајот бара постојано внимание, добра процена и одговорност. Затоа е важно да не се потпираме на претпоставки, туку да провериме уште еднаш, да го насочиме вниманието кон патот и да бидеме свесни за сите околу нас. Со ваквите иницијативи сакаме да поттикнеме сообраќајна култура во која секој учесник се грижи не само за сопствената, туку и за безбедноста на другите“, нагласи Ангеловски.
Едукативната платформа „Јас внимавам“ започна во 2017 година, опфаќајќи повеќегодишни активности за едукација на младите, унапредување на сообраќајната култура и зголемување на безбедноста на патиштата.
