Пожарите се дел од организирани напади, граѓаните повикани на внимателност

Пожарите што во последниот период горат во различни делови на државата, меѓу кои и вчерашниот инцидент во Трубарево, според премиерот Христијан Мицкоски, се резултат на организирани активности од внатрешни и надворешни центри на моќ. Тој нагласи дека информациите за ова доаѓаат од надлежните служби и дека ваквите подметнувања ќе продолжат.

– Сакам да кажам дека вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат и сакам да упатам апел и до граѓаните дека вакви подметнувања и диверзии ќе има и во периодот кој што следи, затоа што има центри на моќ во државата, но и надвор, коишто не сакаат оваа Влада да успее. Ние ќе се бориме. Тие ќе продолжат да подметнуваат, ќе продолжат да креираат, да лешинарат, а ние ќе продолжиме да работиме, да се бориме и на крај ќе победиме, изјави Мицкоски во Трубарево.

Премиерот додаде дека пожарите што се случуваат летово, како и вчерашниот инцидент со електронскиот отпад, се дел од истата структура на напади. Тој истакна дека некој има интерес овие инциденти да продолжат, но дека тие ќе бидат поразени.

Во однос на фирмата за управување со отпад каде што се случи пожарот, Мицкоски потврди дека објектот поседува лиценца од 2021 година, со важност до 2031 година. Сепак, тој посочи дека условите под кои работат ваквите компании често не ги исполнуваат стандардите кои би требало да важат за такви објекти.

– Можете да забележите и останати отпади во периметарот на пожарот, ги гледате условите под кои тие работат, а исто така ги гледаме условите од отпадите кои работат ширум државата. Ако мене ме прашате, тоа не се услови под кои треба да работат. Но истовремено, сите овие физички и хибридни напади кои се случуваат ќе ги таргетираат ваквите слаби страни и ќе продолжат да се случуваат, рече Мицкоски.