Бугарските власти побарале од Европскиот парламент да го одземе пратеничкиот имунитет на европратеникот Илхан Ќучук поради тужба што против него ја покренал еден од неговите локални асистенти. Според информации на бриселскиот портал „Еурактив“, ова барање за одземање на пратеничкиот имунитет се очекува да биде разгледано за време на овонеделната сесија на Европскиот парламент, која започнува попладнево во Стразбур.
Процесот за одземање на пратеничкиот имунитет ќе започне со разгледување на барањето од Комитетот за правни прашања на Европарламентот (ЈУРИ), чие претседателство го врши токму Ќучук. За да избегне можен судир на интереси, Ќучук сам се иззема од целата процедура и привремено ќе го препушти претседавањето со Комитетот на еден од четворицата потпретседатели.
Илхан Ќучук, кој ги негира обвиненијата во тужбата против него, е член на либералната група „Да ја обновиме Европа“ во Европскиот парламент. Претходно бил избран за европратеник како кандидат на Движењето за права и слободи (ДПС), но го напуштил поради несогласувања со лидерот Дељан Пеевски. Потоа ја поддржал групата која се одметнала од партијата и која денес дејствува под името Алијанса за права и слободи (АПС).
Иако ДПС на Пеевски не беше дел од малцинската влада на Росен Жељазков, сепак ја поддржуваше во бугарското Народно собрание, додека АПС беше дел од опозицијата.
