Советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, изјави дека Киев „апсолутно не бил вклучен“ во минатогодишната саботажа на Северен тек 1 и 2.
Подољак додава дека нема информации што точно се случило.
Тој ги даде овие коментари како одговор на прашање на „Ројтерс“ по извештајот на „Њујорк Тајмс“ во кој се цитираат американски разузнавачи дека проукраинските групи најверојатно се одговорни за саботажата.
Њујоршкиот весник денеска објави дека новите разузнавачки информации, разгледани од американски официјални лица, сугерираат дека проукраинска група составена од руски или украински државјани, го извршила нападот на гасоводот Северен тек минатата година, но нема цврсти докази за ваквите заклучоци.
Весникот исто така, наведува, повикувајќи се на разузнавачки извори, дека не се пронајдени докази оти претседателот Володимир Зеленски или највисоките украински воени офицери биле вклучени во операцијата, ниту дека сторителите дејствувале по налог на некој украински владин претставник.
САД и НАТО ги нарекоа нападите на гасоводот во септември 2022 година чин на саботажа, додека Москва го обвини Западот и го повика Советот за безбедност на ОН да спроведе независна истрага, но ниту една страна не обезбеди докази.