Резултатите од научноистражувачките проекти финансирани со шест милиони евра минатата година веќе стануваат видливи во практиката. Со овие средства Владата поддржа околу 50 проекти од јавен интерес, реализирани од јавните научни и високообразовни установи, Македонската академија на науките и уметностите и бизнис-заедницата.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на меѓународната научна конференција на ЈНУ Институт за интелектуална сопственост – „Интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во македонското општество“. Конференцијата се организира во рамките на проектот „Фактори на управувањето со интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во Македонија“, поддржан од Министерството за образование и наука.
„Во фокусот на овој проект е влијанието на дигиталната трансформација врз правната рамка за заштита на интелектуалната сопственост. Ова е важно да биде предмет на истражување, затоа што брзиот технолошки развој и забрзаната дигитализација отвораат нови можности, но истовремено поставуваат и сериозни предизвици пред постојните правни и регулаторни рамки. Заштитата на авторските права, трговските марки, патентите, трговските тајни и личните податоци добива нова димензија и неопходно е овие процеси да се анализираат системски, научно и во согласност со современите европски и светски тенденции“, рече Јаневска.
Јаневска посочи дека ова истражување помогнало да се воспостави посилна врска меѓу научната заедница, носителите на одлуки, правната професија и институциите надлежни за заштита на интелектуалната сопственост.
„Од позиција на министер за образование и наука, горда сум не само на овој, туку и на сите други проекти кои ги поддржавме како Влада во изминатата година. Важни се, затоа што ја потврдуваат улогата на науката како двигател на развојот и како значаен партнер во креирањето јавни политики засновани на научни сознанија и докази“, додаде Јаневска.
Министерката нагласи дека целта е научната дејност да создава реална вредност за институциите, стопанството и општеството, поради што буџетот за наука бележи двоен раст. Таа потсети дека за сите македонски научници и професори е обезбеден слободен пристап до меѓународните бази „Web of Science“ и „Scopus“, а министерството ги покрива трошоците за објавување трудови во списанија со импакт-фактор, организација и учество на научни конференции, како и издавање зборници.
