Во присуство на семејството и пријателите, денеска беше погребан тинејџерот кој беше убиен на почетокот на неделава од полицаец при сообраќајна контрола во Нантер во близина на Париз.
Богослужбата во џамијата во Нантер почна напладне.
На барање на семејството, ниту еден новинар не присуствуваше на погребот на Нахел М., 17-годишникот со алжирско и мароканско потекло, чија смрт предизвика неколкудневни нереди низ целата земја.
Смртта на Нахел ги разгоре долготрајните поплаки од сиромашните и расно мешаните урбани заедници за полициското насилство и расизмот. Францускиот претседател Емануел Макрон го негираше постоењето на системски расизам во француските безбедносни служби.
Владата во Франција распореди 45 илјади полицајци и неколку оклопни возила низ целата земја за да ја спречи најтешката криза во мандатот на Макрон од протестното движење „Жолти елеци“.
Во четвртата ноќ на немири, запалени се над 1.300 автомобили, а на патиштата се запалени 2.560 пожари, соопшти претходно француското МВР. Според властите, нападната е 31 полициска станица. Вкупно 1.311 лица беа уапсени ноќта.