По масакрот во саботата, кога на улиците на повеќе градови беа убиени 114 лица, денеска во Мјанмар немаше поголеми организирани демонстрации, меѓу другото и затоа што беа погребувани жртвите.

– Додека пеевме револуционерна песна во чест на убиениот млад човек дојдоа припадници на армијата и полицијата и почнаа да пукаат кон нас. Бегавме во сите правци и не знам дали има убиени или ранети, рече една жена што беше на погребот.

Според локалните медиуми, во саботата биле убиени шест деца на возраст од 10 до 16 години. Најмалку 440 лица се убиени на улиците од 1 февруари, кога армијата изврши државен удар и ја презеде власта, а секој четврти бил застрелан во главата.

Воените лидери во 12 западни земји го осудија насилството врз демонстрантите

Началниците на генералштабовите на 12 западни земји, вклучувајќи ги Соединетите Држави, Велика Британија, Јапонија и Германија, во заедничката изјава ја осудија армијата на Мјанмар за употребата на „смртоносна сила против невооружени луѓе“.

– Како началници на генералштабовите, ние ја осудуваме употребата на смртоносна сила на армијата во Мјанмар и придружните безбедносни служби против невооружени лица, се вели во соопштението објавено синоќа.

Тие ја повикуваат армијата на Мјанмар да престане со насилството и да работи на враќање на почитта и кредибилитетот кај народот во Мјанмар, кои ги изгуби поради своите постапки.

Безбедносните сили на Мјанмар вчера убија повеќе од 100 демонстранти што протестираа против воениот удар, додека армијата во главниот град со парада го одбележа Денот на вооружените сили.

Интернет-порталот Мјанмарнау објави дека се убиени 114 лица, додека независен истражувач од Јангон, кој го следи билансот на жртвите на протестите, објави дека 107 демонстранти биле убиени во дваесетина града низ целата земја.

Меѓународната заедница ги осуди убиствата, а голем број дипломатски мисии во Мјанмар објавија дека меѓу убиените цивили има и деца.

Бројот на жртвите во Мјанмар расте поради растечката репресија од безбедносните сили.

Здружението за помош на политички затвореници објави дека до петокот 328 лица биле убиени од избувнувањето на демонстрациите по воениот удар на 1 февруари.