Косовската полиција од утре го почнува намалувањето на бројот на своите припадници во и околу општинските објекти на северот на Косово за 25 отсто.
Ова е одлучено денес на состанок на претставници на косовската полиција, Еулекс и Кфор.
Како што соопшти косовската полиција, на состанокот е проценето дека безбедносната ситуација во и околу објектите на општините на северот е добра.
„Во смисла на овој заеднички заклучок, од утре почнува намалувањето на бројот на припадниците на косовската полиција за 25 отсто во и околу општинските објекти на северот“, се наведува во соопштението, пренесува Репортери.
Се додава дека тимови на косовската полиција, заедно со Еулекс и Кфор, ќе ја продолжат координацијата и „ќе ги преземат неопходните дејства во согласност со редовната проценка на безбедносната ситуација“ во и околу општинските објекти на северот на Косово и Метохија.
Намалувањето на присуството на полицијата на северот е обврска од договорот на заменик премиерот на Косово Бесник Бисљими и претставникот на Европската Унија за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак, од почетокот на јули во Братислава.
Покрај намалувањето на присуството на полицијата, со договорот е предвидено и организирање избори во четирите општини со српско мнозинство на северот.