Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против седуммина жители од Гостивар и гостиварско и против еден скопјанец како и против две фирми од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење”, „перење пари и други приноси”, „фалсификување исправа”, „несовесно работење во службата”, „услови за кривична одговорност на правно лице” „злоупотреба на службена положба и овластување” „несовесно работење во службата” и „непријавување кривично дело”.
Двајца од пријавените, вработени во Општински катастар за недвижности Гостивар, без да извршат надзор и контрола на доставената службена документација, извршиле запишување на недвижноста на име на еден од осомничените и му издале потврда за запишување на недвижноста.
Како што соопштија денеска од МВР, Р.И., во периодот од октомври 2015 до април 2022 година, изградил комерцијално-станбен објект на булевар „Браќа Ѓиноски” во Гостивар, при што отстапил од фактичката состојба издадена согласно маркичката за градење. Но, и покрај направените отстапки, тој до Општинскиот катастар за недвижности Гостивар поднел барање за запишување на недвижноста, иако претходно во два наврата бил одбиен од Катастарот во Гостивар. Во прилог на барањето, се наведува во соопштението, ја доставил истата техничка документација и геодетски елаборат изработен од геодетската фирма, сопственост на пријавените Ѓ.В. и М.М, кој не бил валиден, бидејќи на геодетската фирма два пати ѝ била одземена лиценцата, како и дека во елаборатот, пријавените Ѓ.В. и М.М., внеле дека е извршен премер на недвижноста со координати кои не се совпаѓаат согласно извршениот премер од Катастарот Гостивар.
Во февруари 2017 година пак, Е.Б., како овластен надзорен инженер изготвил и пуштил во употреба Извештај за извршен технички преглед за градба во кој лажно навел дека градбата нема недостатоци, може да се употреби и стави во функција.
„Пријавениот В.Р., како овластен градежен инспектор при општина Гостивар, пропуштил да изврши должен надзор и контрола над работата при изградба на комерцијално – станбениот објект, додека пријавениот С.Е. пропуштил да изврши должен надзор и несовесно постапил при вршење на своите овластувања. Тој, иако знаел дека објектот не е изграден согласно техничката документација и дека во два наврата бил известен за одбивање на барањето, по трет пат ја примил истата документација и ја поднел во Општинскиот катастар за недвижности Гостивар, а во прилог доставил и невистинит Записник за констатација, во кој навел дека увидел дека инвеститорот ги отстранил претходно констатираните недостатоци и отстапки на станбениот објект“, соопштија од МВР.
Пријавените Д.Г. и М.С., вработени во Општински катастар за недвижности Гостивар, без да извршат надзор и контрола на доставената службена документација, извршиле запишување на недвижноста на име на Р.И. и му издале Потврда за запишување на недвижноста. По ова, пријавениот Р.И. извршил продажба на становите од станбениот објект, склучувајќи преддоговори за купопродажба на недвижен имот и договори за закуп на станбен објект и на тој начин се стекнал со имотна корист на штета на општина Гостивар.