Хрватската полиција има голема акција за апсење на повеќе навивачи на Динамо Загреб, кои се дел од навивачката група „Бед Блу Бојс“.

Акцијата на полицијата доаѓа по барање на грчките власти од Атина, кои испратија листа со имиња на навивачи кои биле дел од нередите пред мечот АЕК – Динамо Загреб, а потоа успеале да избегаат од Грција.

Неофицијално, петмина навивачи биле уапсени , а уште најмалку четворица се уапсени денеска. Грчките власти ќе бараат екстрадиција на овие навивачи за кои се верува дека биле дел од нередите на 7 август во Атина, кога до смрт беше избоден еден 29-годишен навивач на АЕК.

По тој голем инцидент, во Грција беа уапсени повеќе од 100 хрватски навивачи, но 10-тина од нив успеале да избегаат од земјата. Се верува дека успеале да избегаат откако со брод заминале за Италија, а од таму по копнен пат се вратиле во Хрватска.