Полицијата на подрачјето на СВР Битола продолжува со спроведување на законските измени што предвидуваат одземање возила од лица кои управуваат без возачка дозвола. Во текот на вчерашниот ден биле одземени уште три патнички возила, а неколку лица биле лишени од слобода.

Едно од возилата, „мазда“, било одземено при сообраќајна контрола на 5 февруари на патот Ресен – село Евла. Возилото го управувал 15-годишен малолетник од Штип, кој бил лишен од слобода, а автомобилот бил одземен.

Истиот ден во Ресен бил приведен и Д.К. (27) од селото Јанковец, кој управувал патничко возило „рено“ без важечка возачка дозвола.

Третиот случај бил регистриран на регионалниот пат Прилеп – Македонски Брод, кај селото Ропотово, каде полициските службеници го лишиле од слобода И.Н. (28) од селото Гостиражни и му го одзеле возилото „фолксваген голф“.

Од 1 февруари годинава стапија во сила законските измени со кои се предвидува одземање на моторно возило за лица кои управуваат без возачка дозвола и притоа сторуваат кривично дело против безбедноста во сообраќајот.

Овие измени беа проследени со протести во неколку градови низ државата, организирани од дел од ромската популација, кои два дена блокираа патишта барајќи да им се дозволи да управуваат возила без возачки дозволи, наведувајќи дека немаат услови за полагање испит.

По повикот на премиерот Христијан Мицкоски до Министерството за внатрешни работи за решителна примена на законот и по поднесувањето кривични пријави против учесници во протестите, дел од демонстрантите јавно се извинија до државниот врв, по што протестите престанаа.