Но не успеаа да им избегаат на заканувачките пуотници од војската – сите кои преминале се уапсени, и вратени на белоруската страна. На нивните тела видливи се крвавите траги од насилството за кое Белорусија обвинува дека може да доведе до пограничен конфликт.
Покрај употребата на физичко насилство и солзавец додека мигрантите се обидувале да ја преминат границата, полските трупи употребиле и борбено оружје и им пукале над глава. Последниве настани докажуваат дека полските безбедносни сили не се воздржуваат и стануваат се понасилни, тепајќи ги мигрантите и бркајќи ги од своја територија. Вакви неразумни постапки можат да доведат до пограничен конфликт
-Покрај употребата на физичко насилство и солзавец додека мигрантите се обидувале да ја преминат границата, полските трупи употребиле и борбено оружје и им пукале над глава. Последниве настани покажуваат дека полските безбедносни сили не се воздржуваат и стануваат се понасилни, тепајќи ги мигрантите и бркајќи ги од своја територија. Вакви неразумни постапки можат да доведат до пограничен конфликт, тврди Антон Бишковски, портпарол на белоруската крајбрежна стража.
Во меѓувреме, продолжуваат обвинувањата од сите страни. Но, според Варшава, мигрантската криза е оркестрирана од рускиот претседател Путин, кој белорускиот колега Лукашенко го користи како своја марионета.
-Руската империјална, нео-империјална политика напредува. Ние тоа го гледаме многу јасно. Ги набљудуваме овие чекори. Тие се распространети преку различни дејствија, се шират со текот на времето, но токму овој последен напад на Лукашенко – кој е изведувач, но има свој директор во Москва и овој директор е претседателот Путин – ја покажува решеноста да се спроведе ова сценарио за обнова на Руската Империја, тврди полскиот премиер Матеуш Моравиецки.
Но, Москва демантира, и ја обвини ЕУ за двојни стандарди. Според Москва, причините за бегалскиот бран во светот лежат во политиките кои западните земји, вклучувајќи ги НАТО и ЕУ, со години ги водат на Блискиот исток, наметнувајќи го животот по западен модел.
Сепак, притисокот се засилува и кон Путин. Во телефонски разговор Меркел го повикува Путин да интервенира и да го намали своето влијание врз белорускиот режим. Улогата на Москва во приливот на мигранти е под европската лупа. Според ЕУ Русија е меѓу 20-те земји осомничени за вмешаност во транспортот на луѓе кон Белорусија. Брисел го обвинува Лукашенко дека мигрантите ги користи како „хибриден напад“ за санкциите што блокот ги воведе на авторитарната влада во Минск, поради нејзиното брутално задушување на домашните неистомисленици. Илјадници луѓе беа затворени и претепани по неколкумесечните протести по минатогодишните претседателски избори за кои се верува дека Лукашенко ги намести за да добие шести мандат.