Полска се подготвува да прими нов бран украински бегалци со приближувањето на зимските месеци и подготви „значително повеќе од 100.000“ места во прифатните центри, соопшти денеска министерката за интеграција Агњешка Шигај.
Во изјава за Радио Плус, која ја пренесува ДПА, Шигај рече дека сè уште нема индикации за пораст на бројот на бегалци кои ја преминуваат јужната граница од Украина, која се протега на повеќе од 500 километри.
– Само пет до шест отсто од 20.000 луѓе кои ја преминалеполската граница биле бегалци, а остатокот е нормален пограничен сообраќај, прецизираше министерката..
Заменикот-министер за внатрешни работи Бартош Гродецки рече дека разговорите со украинската влада покажале дека тамошните власти ќе настојуваат да задржат што е можно повеќе раселени лица во земјата. – Полска помага во изградбата на контејнерско сместување опремено со генератори на струја и греење, рече тој.
Гродецки истакна дека бројот на украински бегалци во моментов во Полска е околу 1,3 милиони.
Руските напади врз украинската инфраструктура оставија многумина без струја, греење, вода за пиење и канализација.