Бројот на мигранти кои по морски пат пристигнале во Грција во првата половина од 2026 година е намален за 34 отсто во споредба со истиот период минатата година. Податоците ги објави грчкиот министер за поморство Василис Кикиљас на платформата Икс.
Од почетокот на годинава се евидентирани 15.389 пристигнувања, додека во првите шест месеци од 2025 година биле регистрирани 23.243.
Статистиката покажува различен интензитет на миграциските текови во зависност од рутата по која мигрантите пристигнуваат во земјата.
Најзначителен пад е регистриран кај пристигнувањата од Турција, каде што бројот е намален за 59 отсто. Од друга страна, миграциските пристигнувања од Либија бележат многу помал пад, од околу 4 проценти.
Кикиљас оценил дека намалувањето е резултат на планирањето на грчката влада, активностите на Министерството за поморство и ангажманот на Крајбрежната стража.
Според него, стратегијата што ја спроведуваат дава конкретни резултати.
Министерот воедно им честиташе на припадниците на Крајбрежната стража за нивната посветеност и ангажман.
Тој нагласи дека нивната работа не се сведува само на надзорот и заштитата на морските граници, туку тие секојдневно учествуваат и во операции за пребарување и спасување, со цел да се спасат човечки животи на море.
