Судот во Сплит изрече парични казни за брачен пар поради нарушување на јавниот ред и мир за време на нивниот престој во вила. Мажот е казнет со вкупно 400 евра, додека неговата сопруга треба да плати 700 евра. Случајот пред судот се водел поради пријави за бучава, поставување базен на балкон без дозвола и наводно капење и движење во топлес.
Станува збор за 58-годишен дигитален номад и неговата 44-годишна сопруга, кои според хрватските медиуми биле пријавени од сопственичката на сместувањето. Таа ги обвинила дека без нејзино знаење и дозвола поставиле базен на балконот од вилата во која престојувале.
На мажот судот му изрекол казна од 300 евра, плус 100 евра судски трошоци. Неговата сопруга била казнета со 700 евра поради бучавата и наводното капење и движење во топлес на балконот.
Сопружниците негираат дека го нарушувале редот и мирот и тврдат дека тие биле жртви на конфликтот со сопственичката на вилата. Според нивната верзија, им биле исклучени струјата и водата. По враќањето од плажа, наводно ги затекнале сменети брави, оштетен базен и исфрлени лични работи.
Поради ситуацијата, тие тврдат дека биле принудени да преноќат во автомобил.
Сопственичката и нејзината ќерка, од друга страна, пред судот изнеле сосема поинаква верзија. Тие тврделе дека брачниот пар не плаќал кирија и сметки, дека без дозвола поставил базен на балконот и дека правел голема бучава до доцна во ноќта.
Тие исто така навеле дека соседите во повеќе наврати се жалеле поради однесувањето на 44-годишната жена. Според нивните тврдења, таа се движела во топлес на балконот.
Неколку соседи сведочеле пред судот и рекле дека жената редовно ја гледале без горниот дел од костимот за капење. Тие посочиле и дека семејството со денови го нарушувало мирот во населбата.
Туристката ги отфрлила ваквите тврдења. Таа пред судот истакнала дека се капела во бикини, а не во топлес.
