Заменик директорот на Државниот завод за статистика Иљми Сељами  не гледа ништо лошо во лобирањето дијаспората да се попише, а се чуди што Македонци се повикуваат на бојкот. Сељами вели дека тој не би ја прифатил функцијата доколку би му се јавувал Ахмети и Заев па да му кажуваат какви резултати да се добијат со пописот.

Сељами на прашањето што значи тоа дека тој, како заменик директор, и директорот на Заводот Апостол Симовски, имаат врзани потписи, односно дали тоа значи дека и за резултатите да бидат признати ќе мора двајцата да потпишат, одговори кусо со прашање:

-Што е проблемот со тоа?, рече Селами.

На потпрашање дека таа законска обврска, според опозицијата, дава политичка и етничка боја на пописот, имајќи предвид дека директорот и заменикот се од различна етничка припадност, Сељами рече:

-Ништо лошо во тоа нема. За првпат оваа година се прави попис од стручно тело, Државен завод за статистика што впрочем и е работа по сите акти, да прави попис, да прави статистики итн. Значи ако не знае Државниот завод за статистика да прави попис, кој друг би знаел, политичките партии? Знаете дека постојано се зборуваше за доверба во пописите- го прават Македонци нема да веруваат Албанци, го прават Албанци нема да веруваат Македонци па Турците нема да веруваат итн. Еве има и Македонец директор има и заменик директор кои ќе гарантираат, секој од своја гледна точка, за вистинитоста на податоците. Не сме ние тука поставени од никого, ниту пак јас би прифатил такво нешто, да седам тука и некој да ми делегира, господинот Ахмети или господинот Заев да ми се јават и да ми кажат направете вие да има 30 проценти Македонци, 20 проценти Албанци , толку Турци. Ова не е пазар, ова не е отворање на алваџиски тефтер. Ова е спроведување на закон, вели Селами.

На прашањето дали недоверба создава и вмешувањето на премиерите на Албанија и Косово и други државни и партиски лидери од тие земји и не ли тоа мешање во внатрешните работи на Македонија, Сељами одговори:

-Пак ќе повторам, што е лошо во тоа да повикувате граѓани да го почитуваат законот? Јас не се чудам зошто Албанците повикуваат да се попишуваат Албанците, туку се чудам зошто Македонците повикуваат да не се попишуваат Македонците? Што е целта, што е намерата, да не се попишуваат, да направиме деформирани бројки“?, прашува заменик директорот на Државниот завод за статистика.