Младите во земјава се во апатија и разочарани бидејќи беа брутално излажани, СДСМ ги искористи студентските протести, ги узурпираше младинските организации, а потоа видовме како некои станаа пратеници и станаа гласачка машинерија, изјави Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ за „Имам идеја“ на Радио Лидер.

– Ветуваа дека вратат 600 илјади иселени луѓе од Македонија, ветија директно вработување за студентите штом завршат високо образование, дека секој штом заврши ќе добие вработување било во државна институција или државна фирма, ама не видовме такви вработувања, како што не видовме ни авиони со млади со луѓе кои се враќаат дома. Но, продолжи иселувањето на младите, продолжи младинската невработеност, нагласи Попов.

Тој упати порака до сите млади дека УМС се отворени за сите, бидејќи тоа е организација која ќе се бори буквално на секое поле кое ги засега младите, за секој млад човек и за заштита на државните интереси.

– Ќе покажеме дека не сме сите исти и ќе понудиме нови и квалитетни политики. Ние сакаме да ги обединиме сите млади бидејќи повеќе вака Македонија како што ја води СДСМ не ја бидува и дека ние мораме нешто да промениме. Ние планираме да бидеме предводници на целиот процес на класичен општествен пресврт, од општество на изместени вредности и дерогиран образовен, здравствен, правен и економски систем да се избориме за држава на нормални вредности во која државата која ќе биде партнер на младите и ќе се бори против непотизмот, корупцијата, подобри политики во образование здравство, мотив за младите претприемачи, намалени даноци за млади вработувања, односно младите да се чувствуваат горди на сопствената држава, потенцираше Попов.