По четири дена конечно се појави народниот избраник, Кастриот Реџепи,  кој исчезна дента кога требаше да се гласа доверба на Владата предводена од Зоран Заев.

Запрашан зошто првично се потпишал на иницијативата, па потоа решил да не се појави во Собранието, одговори дека европската иднина на земјата била причина за тоа и можноста да добиеме датум за старт на преговори во декември.

-Потпишав во моментот кога после локалните избори, премиерот Зоран Заев поднесе оставка, Владата немаше кормилар, не се знаеше кој ќе биде наследник. Со тоа се нарушуваше и паѓаше во вода и целиот договор во оваа Влада, во која една од главните определби се интеграциите во Европската унија, изјави Реџепи.

Во денешното обраќање до јавноста Кастриот Реџепи беше прашан како ќе дејстува во иднина во Собранието со оглед на тоа што неговата партија Беса го исклучи. Зачудувачки тој вели дека останува во движењето.

Јас сум пратеник на движењето Беса и се додека не се промени мојот статус ќе делувам така – вели Реџепи.

За стабилното мнозинство во Собранието рече дека бил надлежен премиерот Заев, но се направи дека не го слушна прашањето дали се сретнал со него и постојано потпивнуваше од шишенцето со вода.

Се пожали дека имал и закани, но не сакаше да каже од кого, а истите биле пријавени во полиција.

-Не може сега да ви кажам име презиме, бидејќи нели ова е процедура и не сакам да наштетам на процесот. Сум имал консултации како треба да постапам и постапувам по нив. Зборувам за пораки за закани по живот, да не зборам за други пораки и притисоци, изјави Реџепи.

ВМРО-ДПМНЕ: Денеска видовме како изгледа уценет човек, методите со кои СДСМ и ДУИ го премислија Кастриот Реџепи ниту се демократски, а уште помалку се европски

Методите со кои СДСМ и ДУИ го премислија Кастриот ниту се демократски, ниту се европски, туку се режимски, реагираа од партијата.

Власта која Кастриот привремено ја спаси го изгуби легитимитетот да владее со Македонија и нивниот пад е неизбежен. Реалноста е дека граѓаните се одлучија за промени и затоа единствен излез од оваа криза и единствен спас за Македонија се брзи предвремени избори после кои ќе се формира стабилна влада која ќе ја извади Македонија од оваа безизлезна ситуација и ќе тргнеме напред“ – се наведува во партиското соопштение.

Одговарајќи на новинарско прашање, Реџепи рече дека немал средба со холандскиот премиер Марк Руте, за време на неговата посета на нашата земја.