Како што рече Диме Велковски од СДСМ, има средства и за решавање на енергетската криза.

-За ова политичките партии најмалку треба да зборуваат зашто од осамостојувањето на државата до денес немаат ништо направено, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, рече пратеникот од СДСМ, осврнувајќи се на Предлог-буџетот за 2022 година. Во 1988 година е изграден последниот енергетски објект – РЕК Битола. Се увезуваше струја и пред седум и пред осум и пред десет години и затоа, некоректни се обвинувањата од опозициските колеги. Да се обвинуваме во овој дел е некоректно. Сите знаеме каква технологија имаме, тоа е кртитика за сите нас, напомена Велковски.

Тој потсети дека 12 години не работи ТЕЦ Неготино кое обезбедува третина од производството на РЕК Битола, но се прават напори повторно да профункционира за да се излезе во пресрет на енергетската криза.

-Ќе ги обивните ли СДСМ сега дека нема снег?, праша иронично Велковски.

Во однос на непродуктвините трошења, пратеникот од СДСМ со конкретни бројки укажа дека средствата се намалени.

– Во 2015 година за возила биле проектирани 161 милион денари, а во 2021-ва биле проектирани 28 милиони. За мебел, пак, во 2015 година биле проектирани 57 милиони денари, а во 2021-ва 20 милиони, рече Велковски.

На ова реплицираше Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека земјава веќе плати пенали за струјата.

Тој информира и дека ВМРО-ДПМНЕ поднесе пет амандмани, за граѓаните, како што рече, полесно да ги поминат зимските месеци.

-Плативме 20 милиони евра пенали. Дојде Јанез Копач, плативме пенали зашто не сме произвеле струја и не укоруваа како последни бандити дека сме краделе. На тендер набавувате 900.000 тони јаглен, РЕК нула проценти производство на струја, а ТЕЦ Неготино и Осломеј не работат зашто Васко Ковачевски не си ја врши рбаотата. Одговорност мора да има. Евро немате предвидено во Буџетот за справување со ценовниот шок од поскапувањето на струјата, рече Стојановски и апелира СДСМ да ги прифати поднесените амандмани со кои се опфатени граѓаните, стопанските субјекти и социјалните групи.

Велковски повтори дека средства има доволно.

-Секогаш има резерва. Како што беа пренасочени 65 милиони евра за призводство на електрична енергија за кризата да биде помала, така има и во другите сегменти. Државата мора да предвиди и работи кои би можеле да се случат. Секогаш кога има вакви проблеми, државата мора да ги реши. Тоа го правела изминатите години и ќе го прави во иднина, подвлече Велковски.

На почетокот на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, Предлог-буџетот за 2022 година го образложи министерот за финансии Фатмир Бесими.