Застарени формулари или некомплетна документација во записниците на трудовите инспектори се најчестите причини второстепената комисија да не постапува во заштита на работничките права, покажаа анализите и истражувањата на НВО „Гласен Текстилец“-Штип.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ на денешната презентација на резултатите од истражувањето во рамките на проектот „Институционално и економско зајакнување на жените и девојките од источниот регион“ апелираше за јакнење на соработката на трудовите инспектори и Државната комисија за одлучување во втор степен која го има крајниот збор во инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Потребна е поефикасна комуникација на трудовите инспектори и Државната комисија за одлучување во втор степен, како би имало квалитетна заштина на работничките права. Ова е заклучок од теренското истражување на „Гласен текстилец“. Забележуваат дека често се случува заради технички пропусти во записниците на инспекторите, Комисијата да одлучи во корист на работодавачите

-Треба да имаме институции кои се во служба на граѓаните, на работниците и двете тела инспекторите и Комисијата со заедничка соработка да понудат реална заштита на работничките права. Ова за нас се појави како проблем, осебено во изминатата година кога имавме злоупотреба на државни пари. Инспекторите тоа го детектираа како проблем, меѓутоа тие решенија често пати беа поништувани од страна на оваа комисија, вели Ампева.

Ивана Вучкова експерт вели дека минатата година до Второстепената комисија пристигнале 504 жалби иницирани од инспекциски надзор од кои дури 480 биле од страна на работодавачи. Сите се однесувале на забелешки во записникот на трудовиот инспектор.

-Од бројот на примени жалби најголем дел се примени од страна на работадавците односно од 504, 480 се од страна на работодавачи. Додека за разлика од работодавачите само 26 се поднесени од работници и еден од синдикати, вели Вучкова.

Истражувањето на „Гласен Текстилец“ покажа дека просечно десет жалби годишно комисијата отфрла заради технички пропусти, додека бројот на уважените жалби против решенијата на инспекторите е шест пати поголема.