Поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на меѓународниот форум „Местото на Шкотска во Европа: Поттикнување на меѓународната соработка и разбирање“ (Scotland Forum 2025), кој се одржа од 1 до 4 септември во Единбург.
Настанот се реализираше на Универзитетот Хериот-Ват, а дел од сесиите беа одржани и во шкотскиот парламент и замокот Единбург, градби кои симболизираат дијалог, демократија и заедништво.
Во своето обраќање, д-р Иванов говореше за улогата на Македонија и регионот во современите глобални процеси, притоа споделувајќи искуства од својот претседателски мандат. Зборувајќи за потребата од визионерско лидерство и искрена соработка меѓу народите, тој нагласи дека токму таквото визионерско, државничко и стратешко лидерство надополнети со интезивна и континуирана меѓународна соработка претставуваат клучни предуслови за успешно справување со предизвиците и надминување на неизвесностите на денешницата.
Претседателот Иванов се обрати и на специјална сесија во шкотскиот парламент, која ја отвори претседателката на парламентот Алисон Џонстон, а на која учествуваа бројни пратеници и јавни личности. Во оваа пригода, Иванов се наврати на своето искрено пријателство со поранешниот прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд, зборувајќи за неговата љубов кон татковината и силната посветеност на просперитетот на својата земја и на благосостојбата на неговите сограѓани. Тој истакна дека Салмонд уживаше голема почит и имаше бројни следбеници не само во Шкотска, туку и надвор од неа, нешто што се потврди и при неговото последно обраќање во Охрид минатата година, кога голем број луѓе дојдоа за да го слушнат неговото излагање.
За време на форумот, д-р Иванов оствари повеќе средби со истакнати учесници како поранешни премиери, министри, дипломати, пратеници, универзитетски професори од различни европски земји и јавни личности. Меѓу нив беа поранешните премиери на Ирска – Бертие Ахерн, на Шкотска – Хенри Меклиш, на Велс – Марк Дрејкфорд, поранешниот Државен секретар за Шкотска – Лорд Малком Офорд, поранешни министри за надворешни работи на Финска, Шведска, Естонија, поранешни министри од различни ресори од Шкотска, Велс, Естонија, Хрватска, Кипар, Финска, како и актуелни парламентарци од Обединетото Кралство, Шведска, Велс, Финска, Полска, Кипар, Литванија, Турција, Пакистан и др. Меѓу учесниците на форумот, со кои претседателот Иванов оствари средба, беше и легендарниот фронтмен и текстописец на Deep Purple, Иан Гилан, чија појава и денес буди восхит и почит кај љубителите на рок-музиката ширум светот. Средбата ја заокружи културната и духовната димензија на форумот, потсетувајќи дека уметноста и музиката се еднакво важни градители на мостови меѓу народите, како и политиката и дипломатијата.
Со своето учество на Scotland Forum 2025, д-р Иванов уште еднаш ја потврди својата активна улога на меѓународната сцена, придонесувајќи за зајакнување на дијалогот, градење мостови на доверба и промовирање на разбирањето меѓу народите.