Во Белград е уапсен 25-годишен турски државјанин под сомнение дека ја убил 27-годишната Људмила Туркова Константинова, чие тело неколку дена подоцна беше пронајдено во куфер, фрлен во канал во населбата Падинска Скела. Според информациите, осомничениот бил нејзино поранешно момче.
Ова за Aif.ru го изјави криминологот Михаил Игнатов, познаник на Људмила Туркова Константинова. Тој смета дека можно е мотивот за убиството да била љубомора.
Игнатов објаснил дека во вакви случаи сторителите често се водат од ставот: „или ќе бидеш моја, или ничија“. Според него, односот кон жртвата станува посесивен, па доколку таа не сака да остане во врската, сторителот смета дека не треба да биде со никој друг. Тој оцени дека токму раскинувањето можело да доведе до суровото и цинично убиство.
Криминологот додаде дека постои можност осомничениот да го распарчил телото за дополнително да ја изрази омразата кон жртвата, но и за полесно да ги прикрие трагите од злосторството и незабележано да го пренесе телото.
Според досегашните информации, 27-годишната жителка на Санкт Петербург пристигнала во Белград на 23 јули. Два дена подоцна, на 25 јули, планирала да излезе во клуб, а последен пат телефонски контактирала меѓу 23:15 и 23:20 часот.
Неколку дена подоцна, нејзиното тело било пронајдено во канал во населбата Падинска Скела. Телото било ставено во куфер.
Под сомнение за убиството е уапсен 25-годишен турски државјанин, за кого се наведува дека бил снимен како влегува во станот со Туркова, држејќи ја за рака. Околу два часа подоцна, според информациите, тој го напуштил станот носејќи куфер.
