Препевот на најновата стихозбирка на Ристо Лазаров „Метаверзум“ деновиве е објавен во Белград, во издание на реномираната издавачка куќа „Архипелаг“. Ова претставува шеста книга на Лазаров кај истиот издавач, а уште три книги претходно беа објавени во белградска „Просвета“, зрењанинска „Агора“ и „Повеља“ од Краљево.

Поговорот кон ова издание е напишан од Лидија Капушевска-Дракулевска, која подвлекува дека „Метаверзум“ е поетска книга во која стварноста станува уште посурова (каде поезијата прераснува во poesie brut), болката е длабоко егзистенцијална, а стихот претставува рефлексија на хаосот на животот надвор и внатре. Не случајно, заклучува Капушевска-Дракулевска, навремето теоретичарот Георги Старделов ја доведе поетската мисла на Лазаров во корелација со сфаќањето на Адорно за поетската дарба како сублимиран бол и бес.