Од утринските часови ќе важат нови сообраќајни правила

Поради верскиот празник Задушница, денеска во Скопје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај околу неколку гробишта, со цел безбедно и непречено движење на возилата и граѓаните.

Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје информираа дека мерките ќе започнат да важат од 06:00 часот.

Кај градските гробишта „Бутел“ сообраќајот ќе се одвива кружно и во една насока. Возилата ќе се движат по улицата „Бутелска“, потоа лево по „Александар Урдаревски“, лево по „Боца Иванова“ и десно кон влезот на гробиштата.

Излезот од гробиштата ќе биде организиран преку улицата „Боца Иванова“, потоа до кружниот тек на „Бутелска“, па лево по истата улица и десно по „Кемал Сејфула“.

Посебен режим и кај Камник, Драчево и Ѓорче Петров

Измени во сообраќајот ќе има и околу гробиштата Камник, како и во Драчево и Ѓорче Петров.

Од МВР посочија дека, доколку има потреба, посебниот режим на сообраќај ќе продолжи и во сабота и недела, односно на 30 и 31 мај.

Министерството апелира граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници на сообраќајниците каде што ќе важат измените.