На последниот ден од кампањата за Локалните избори 2021 караванот „Најдоброто за мојата општина“ на коалицијата предводена од СДСМ ќе одржи предизборни собори во Арачиново, Велес и Куманово.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во Карбинци, Лозово, Свети Николе и во Штип, а прес-конференција ќе одржи и независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, која е поддржана од оваа коалиција.

Левица ќе има „завршна дружба“ со избирачите во Градскиот парк во Скопје, а средба со граѓаните во скопската општина Центар ќе има и Движењето „Одлучно за промени“ предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП.

Демократската Унија за Интеграција денеска ќе ја заврши изборната кампања таму каде што и ја започна, со собир во Гостивар.

Движењето Беса ќе има изборни активности во Тетово, а прес-конференции ќе одржат и кандидатот за градоначалник на Град Скопје на Твоја партија, Александар Тортевски и носителката на листата на кандидати за советници на НВО „Зелен Хуман Град“ за Скопје, Драгана Велковска.