Над сто илјади Американци побарале помош поради здравствени проблеми по прележување на Ковид 19.

Студијата која ги следела податоците од здравствените осигурувања на речиси два милиони луѓе во САД кои имале Ковид-19 минатата година, открила дека 23 отсто од пациентите побарале лекарска помош поради нови медицински проблеми еден месец или повеќе месеци по прележување на инфекцијата.

Пациентите биле од сите старосни групи, вклучувајќи и деца.

Нивните најчести проблеми биле во нервите и мускулите, тешкотии со дишењето, висок холестерол, малаксаност и висок крвен притисок.

Некои од другите проблеми подразбирале мигрена, проблеми со кожата, проблеми со дигестивниот тракт, абнормалност на срцето, нарушување на спиењето и ментална состојба како анксиозност и депресија.

Речиси половина од пациентите кои биле хоспитализирани поради Ковид-19 имале дополнителни здравствени проблеми, а истиот случај бил и со 27 отсто од луѓето кои имале благи до умерени симптоми на Ковид-19 односно кои биле асимптоматски случаи, пренесува „NYT“.

– Една работа која нè изненади е големиот процент на асимптоматски случаи кои имаат и долг Ковид, изјавила Робин Гелбур, претседателка на „FAIR Health“, непрофитна организација која го спровела истражувањето.

Таа додала и дека важно е да се нагласи дека и асимптоматските пациенти можат да развијат постковид симптоми.

– Извештајот од оваа студија нè води до точката дека долгиот ковид може да влијае на речиси сечиј систем на органи, изјавил д-р Зијад Ал-Али, началник на службата за известување и развој во здравствениот систем во болницата св. Луис.

Тој додеде и дека некои од овие манифестации се хронични состојби кои ќе траат цел живот и засекогаш ќе влијаат на поединци или пак на цели семејства.

Во рамките на ова истражување, најчестите проблеми поради кои пациентите побарале медицинска помош биле – болка, вклучувајќи и воспаление на нервите и болки поврзани со мускулите, а истите биле пријавени кај 5 отсто од пациентите.

Потешкотии со дишење, односно отежнато дишење, кај 3,5 отсто од пациентите.

Речиси 3 отсто од пациентите побарал помош поради малаксаност и умор.

Друг проблем кој го пријавувале особено кај возрасните во 40-те и 50 -те години било и зголемено ниво на холестерол, кај 3 отсто од пациентите, како и висок крвен притисок, кај 2,4 отсто од пациентите.