Нов систем за мониторинг на 60 локации
Управата на Националниот парк „Маврово“ започна со воведување на видеонадзор за зголемување на безбедноста на дивиот свет и посетителите, како и за поддршка на заштитата на природата.
Во соопштението до јавноста, одделението за заштита и мониторинг на паркот наведува дека новиот систем е поставен на 60 локации низ целата територија. Поставувањето на опремата е во согласност со законските надлежности и обврски за унапредување на природните вредности, одржување на биолошката разновидност и заштита на екосистемите.
„На ваков начин ќе се следат дивите видови животни и нивната бројна состојба. Освен тоа, ќе се овозможи превенција и рано откривање на незаконски активности, како што се бесправна сеча, лов, загадување и уништување на природните ресурси“, соопшти Националниот парк „Маврово“.
Подобрено управување и апел до посетителите
Со новиот систем, управата ќе може навремено да реагира на состојбите во природата и движењето на дивите животни, што го зајакнува севкупното управување и заштита на паркот.
Од управата апелираат до посетителите да ги почитуваат правилата за движење и престој во рамките на паркот, да ја зачуваат природата и да постапуваат одговорно во однос на природното богатство.
