Повеќе од 60 нови енергетски ефикасни светилки се поставени долж регионалниот пат од бензинската пумпа во Маврови Анови до скијачкиот центар во населбата Маврово. Во рамките на проектот целосно биле заменети и сите дотрајани сијалици, соопшти Општина Маврово и Ростуше.

Од Општината наведуваат дека со проектот се подобрува комуналната инфраструктура и се зголемува безбедноста во сообраќајот. Во изминатиот период било извршено систематско уредување на уличното осветлување на оваа фреквентна делница.

Проектот е реализиран во согласност со програмските определби и приоритетите на градоначалникот Онер Јакупоски. Според Општината, новото осветлување треба да обезбеди подобра видливост и поголема безбедност за возачите и пешаците, како и поголема енергетска ефикасност и намалување на трошоците за електрична енергија.

„Современото и функционално улично осветлување е од суштинско значење за сите наши жители, но и за сите туристи кои го посетуваат нашиот прекрасен регион. Наша цел е преку вакви конкретни проекти да го модернизираме секој дел од нашата општина“, изјави градоначалникот Јакупоски.

Од Општина Маврово и Ростуше најавуваат дека ќе продолжат со задоволување на потребите на граѓаните и со реализација на проекти за подобрување на квалитетот на секојдневниот живот во сите населени места.