Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе биде заменик генерален секретар во НАТО, објави Алијансата. Таа е првата жена од западен Балкан која доаѓа на висока позиција во НАТО, а функцијата треба да ја преземе најдоцна до крајот на годината.
„Посветена сум на работа со сите сојузници“
По објавата, Шекеринска на социјалните мрежи напиша дека ќе и биде привилегија да работи за доброто на Алијансата.
„Ќе ми биде привилегија да служам како заменик генерален секретар на НАТО под раководство на Руте. Посветена сум на работа со сите сојузници, кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша Шекеринска.
Руте ја назначи Шекеринска
За новиот генерален секретар преовладуваше ставот дека ова место треба да го добие земја од Централна и Источна Европа.
„Среќен сум поради објавата за назначувањето на Радмила Шекеринска за иден заменик-генерален секретар. Таа навистина верува во НАТО, ја знае работата која е неопходна за приклучување на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Ќе работам со неа по преземањето на виталната позиција“, пишува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Амбасадорката Агелер со честитки
Изборот на Шекеринска го поздрави и американската амбасадорка Агелер, која воедно му честиташе и на премиерот Мицкоски за тоа што застанал зад нејзината кандидатура.