Бегството од добро чуваниот затвор Гилбоа се смета за едно од најголемите во историјата на Израел, а по бегалците е организирана голема потера.
Палестински извори наведуваат дека утрово таткото и братот на бегалецот Ехам Камамџи биле однесени на сослушување и оти од нив било побарано да го предадат, пренесуваат израелските медиуми.
Камамџи, член на Исламски џихад, служел доживотна казна затвор за убиство на израелски тинејџер во 2006 година.
Според извештаите, израелските сили го пребаруваат местото Бир ал-Баша, од каде потекнува Јакуб Кадир, исто така член на Исламски џихад, кој беше во затвор за планирање терористички напади врз Израелци.
Дополнителни сили се распоредени долж границата со Јордан и линијата што го дели Израел од Западниот Брег, јави весникот „Вала“, наведувајќи дека бегалците сè уште се на израелска територија.