Турската полиција приведе 27 лица во истрага за наводно поткупување и нерегуларности при јавни набавки, а обвинителството издало наредби за апсење на вкупно 36 осомничени. Меѓу нив е и градоначалникот на анкарската општина Чанкаја, Хусеин Џан Гунер, член на главната опозициска Републиканска народна партија – ЦХП.

Според турските власти, акцијата продолжува и полицијата трага по преостанатите девет лица опфатени со наредбите. Обвинителството наведува дека истрагата се однесува на сомневања за корупција, поткуп и местење тендери при спроведувањето јавни набавки.

Случајот е дел од поширока серија истраги против општини управувани од ЦХП. Опозициската партија тврди дека постапките имаат политичка заднина и дека се користат за притисок врз нејзините функционери.

Турската влада ги отфрла таквите обвинувања и тврди дека обвинителството и судовите постапуваат независно и во согласност со законите.