Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, потпишувањето на новиот Колективен договор и измените во голема мерка ќе имаат позитивна рефлексија во однос на синдикалните, социјалните и професионалните права на вработените во институцијата.
– Би сакал да нагласам дека уште еднаш на дело се потврдуваат напорите и приоритетите на Владата на Република Северна Македонија и актуелното раководство на МВР во насока на севкупно подобрување на стандардите и условите за работа на сите припадници на македонската полиција, истакна Спасовски.
Тој појасни дека тргнувајќи од заедничкиот императив за подобрување на статусот и правата на сите вработени во Министерството, како и за негово генерално поквалитетно организационо и оперативно функционирање, во изминатиот неколкумесечен период било разговарано околу низа значајни подрачја, кои што се суштински за остварување на заедничките интереси.
– За таа цел формулиравме три нивоа на новини: почнувајќи од интервенции од формално-правен карактер, потоа предлози од страна на Македонскиот полициски синдикат, како и интервенции и решенија кои произлегуваат од досегашната имплементација на Колективниот договор. За мене, за актуелното раководство на МВР, клучно беше, а така ќе остане и во иднина, строго придржување кон реформскиот курс што го одредивме уште на почетокот на мандатот. за динамично и сеопфатно нормативно, структурно, материјално-техничко унапредување на сите аспекти на работа на Министерството, следствено општествените потреби, како и потребите што произлегуваат врз основа на нашите евроатлантски интеграции и цели, притоа сообразувајќи се во целост со стандардите и вредностите на функционирање на полициите во ЕУ, посочи министерот Спасовски.
Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, како дел од работната група формирана токму за изготвување на Колективниот договор, а предводена од државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска, истакна дека со новиот Колективен договор, вработените ги задржуваат сите права што ги имаа и досега, но добиваат и низа нови.
– Со ова можеме слободно да кажеме дека испишавме историја во синдикализмот во Република Северна Македонија. Го потврдивме слоганот на Македонскиот полициски синдикат и МВР дека „Само преку дијалог се доаѓа до вистински решенија“. Докажавме дека не живееме во 16-иот век, кога работниците своите права ги остварувале на улица, туку напротив, работниците во ова модерно време своите права ги остваруваат само со соработка и дијалог, помеѓу работодавачот и преставниците на работниците, во случајот МВР и МПС, предочи Кицев.
Меѓу поважните новитети во Колективниот договор, се вели во соопштението од МВР, се употреба на родовиот речник и терминологија, и тоа првпат во еден Колективен договор во државата, предвидена е нова одредба за заштита на работниците кои имаат три ефективни години до остварување на правото на пензионирање по сила на закон со навршување на 40 години пензиски стаж, при што тие не може да бидат распоредени на работно место во нивоа пониски од нивото на работното место на кое работат согласно Класификацијата на работните места, освен во случај на дисциплинска мерка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, изречена согласно закон и одредбите од овој колективен договор.
Понатаму, предвидено е домашно дежурство како посебен работен услов кој подразбира обврска за работник со статус на неуниформиран полициски службеник, кој не работи во смени, надвор од работното време да биде во состојба на приправност дома или на одредено место, при што предметната одредба, покрај обврските за работникот, содржи и референца за правото на работен додаток на плата за домашно дежурство, кој изнесува 5 отсто од час, со што се исправа една голема неправда што се провлекувала во МВР децении наназад.
Со Договорот се предвидува и право на платено отсуство, во случаите кога работникот го претставува Министерството или учествува како дел од државна репрезентација на спортски, културни и други манифестации, а ревидирана е и одредбата за работниците – доброволни крводарители, за кои е предвидено право на три слободни работни дена во кои се засметува и денот на давање крв, за секое давање крв, кои по правило се користат последователно и непосредно по денот на траење на основот, но не подоцна од 30 дена од денот на давање крв.
Предвидена е и одредба за посебна заштита за ноќна работа, со децидно уредување на категоријата работници за кои се однесува, при што оваа категорија работници има право на соодветна храна или надоместок за трошоци за исхрана во висина од 20 отсто од просечната нето плата по работник исплатена во Република Македонија во претходната година, сразмено за деновите кога работникот работи ноќе.
Колективниот договор предвидува и јубилејна награда во висина на една половина од месечната просечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци – за непрекината работа во ефективно траење од 10 години во Министерството, покрај досегашното решение за доделување на јубилејна награда за непрекината работа во ефективно траење од 20 години во Министерството, како и еднократен паричен надомест во висина од 100 евра во денарска противвредност, на работничка – мајка, за секое новородено дете и за работниците кои со решение на министерот се назначени за ментори, во висина од 150 евра во денарска противвредност, за временскиот период во кој спроведуваат обука во случаите утврдени со закон и одредбите од овој Колективен договор.