Фрижидерот чија вредност е 414.156 денари е добиен преку програмата Мали Проекти на Амбасадата на Германија и ќе биде дел од Банката за коскени ткива на Одделот за трансплантација на Клиниката за ортопедија.

– Оваа донација е особено важна за нас поради тоа што годинава првпат се направи експлантација на коскени ткива од починат донор и благодарение на тоа на млада пациентка со карцином, дел од малигното ткиво и коска и беше заменето со здраво ткиво и коска од починатиот донор. Покрај трансплантацијата на бубрези кои со години се работат, минатата година започнавме со трансплантација на срце, а годинава првпат се експлантираа и коски и коскени ткива. Трансплантациите за овие групи на болни се единствена шанса за живот и за значајно подобрување на квалитетот на живот. Мило ми е што Германската амбасада и амбасадорката Холштајн ја препознаваат нашата заложба за постојано подобрување на здравствениот систем и се наши парнери во неколку значајни проекти, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Како што соопшти Министерството за здарвство, од почетокот на пандемијата со вирусот на Ковид 19 досега Германската амбасада преку проекти и директни донации има донирано 1.450.00,00 евра.

– Му честитаме на македонскиот медицински персонал, националниот координатор за трансплантација на органи и неговиот стручен тим за првите трансплантации на срце од минатата година па наваму, како и првата експлантација на коскени ткива од починат донор, со што беа спасени повеќе скапоцени човечки животи, изјави амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн.

Банката за коскени ткива на Клиниката за Ортопедија беше возобновена пред година и половина со што првпат досега се создадоа услови за почнување трансплантација на коски од починат донор.

– Она што беше само идеја во делот на проширување на Програмата за трансплантација пред две години, денес е реалност. Со мали но сигурни чекори ја внесуваме мултиоргната трансплантација во здравствениот систем во земјава и со тоа отвараме едно нови поле. За лекарите тоа е поле за нови предизвици, за пациентите тоа е надеж за живот, изјави националниот координатор за трансплантација на органи и ткива, д-р Маја Мојосова Мијовска.

Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ д- р Александар Трајановски, посочи дека првата експлантација на коскени ткива се случи во април годинава, веќе имаше еден реципент на кој беше направена трансплантацијата, а во план се уште неколку за престојниот период. – Трансплантацијата на коскено ткиво ќе даде надеж за подобар квалитет на живот на многу пациенти. Toa се пациенти со малигни заболувања, спортски повреди, дефекти на коски. Стручниот колегиум на клиниката веќе прави подготовни за следните пациенти кои имаат индикации за трансплантација на коскено ткиво, рече д-р Трајановски.