Стручен собир под мотото „Безбедни деца – безбедна иднина“ се одржува денеска во Скопје, по повод 60 години постоење на Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патишта (РСБСП).
Во рамките на оваа манифестација беше потпишана Декларација за поголема безбедност на децата во сообраќајот. Потписници на декларацијата со која секое министерство се обврзува да се грижи за зголемување на безбедноста на децата, се министрите за внатрешни работи, за образование и наука, за труд и социјална политика, за транспорт и врски и за локална самоуправа, Оливер Спасовски, Јетон Шаќири, Јованка Тренчевска, Благој Бочварски и Горан Милевски, соопшти РСБСП.
По потпишувањето на Декларацијата, воведно излагање имаше претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.
Свои презентации имаа и гостите од регионот: Милија Радовиќ од АБСРС од Република Српска, Диана Русинова од ЕЗТП од Република Бугарија, Синан Алиспахиќ од ХАК од Република Хрватска и Снежана Ристеска од АСУЦ од Северна Македонија.
Презентацијата на трудовите ги опфати темите: „Децата – најранлива категорија учесници во сообраќајот. Безбедно превезување на деца со моторно возило. Најчести причини за сообраќајни незгоди во кои има повредени или загинати деца, Начини за намалување на бројот на сообраќајни незгоди во кои има повредени или загинати деца, Децата-како пешаци во сообраќајот, Училишни сообраќајни единици – искуства и придобивки, Алтернативен сообраќај – вело сообраќај за деца“, информираат од РСБСП.