Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија (ЕК), Жозеп Борел, на 16 и 17 март доаѓа во посета на Македонија. Претходно тој ќе ја посети Албанија, информираа од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Посетата ќе биде можност да се разговара за билатералните односи меѓу ЕУ и Македонија, во согласност со Договорот за стабилизација и асоцијација. Ќе бидат разгледани и  најновите случувања во двете земји и во Западен Балкан. Ова е првпат советите да се одржуваат во Тирана и Скопје, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Високиот претставник Борел на 16 март ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, а потоа ќе ја предводи делегацијата на ЕУ на 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија кој ќе се одржи во петок на 17 март.

„За време на посетата, Борел ќе оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои и со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и со претседателот на Собранието Талат Џафери, замениците-претседатели, координаторите на политичките партии и претседавачи на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања при Собранието“, информираа од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Овој пат Македонија ќе претседава со Советот и неа ќе ја претставува премиерот Ковачевски, а Европската комисија ќе ја претставува комесарот Оливер Вархеи. По Советот, ќе следи заедничка прес-конференција.

Во Албанија пак, Борел ќе се состане со премиерот Еди Рама пред да претседава со 12-тиот Совет за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Албанија кој ќе се одржи во Тирана на 16-ти март. Албанија ќе ја претставува премиерот Еди Рама. Европската комисија ќе ја претставува комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеи.

Високиот претставник Борел ќе учествува и на инаугурацијата на Венецијанската кула во Драч, чија реставрација е финансирана од ЕУ, и ќе разговара со претставници на младите.