Расте вредноста на синдикалната минимална кошница. Нејзината вредност за месец декември 2023 година со новата методологија изнесува 56.522 денари, доколку тука не би се засметувале кирија и кредит.
Доколку и овој трошок влезе во пресметката сумата тогаш би изнесувала 74.000. Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница пресметана по старата методологија која изнесува за месец ноември 44.699 денари, новата номинално е зголемена за речиси 12 илјади.
Минималната плата во земјава изнесува 20.175 па две минимални плати не се доволни да ги покријат трошоците ниту по старата ниту по новата пресметка.
Според новата методологија додадени се нови и исто така проширени се дел од артиклите што се одраз на реалната потреба на едно четиричлено семејство. Во делот за трансопртот новина е автомобилот, кој е потреба на секое семејство за извршување на секојдневните активности.
Исто така додадени се трошоците за образование, кај здравјето додадени се основните пакети за превентивни или најнеопходни здравствени услуги.
Во делот ресторани и хотели додадено е дека семејството може да си дозволи два пати месечно конзумирање храна од сендвичара и да си дозволат еднаш годишно во јуни месец да одат на одмор во бунгалов во Дојран во траење од 7 дена.