Како по правило во месец декември излегуваат проблемите со откупот на тутунот и тутунпроизводителите. Повеќе од 10 дена е започнат законскиот рок за откупот на тутунот, но гледаме дека и оваа година откупот е хаотичен и не се одвива онака како што треба, бидејќи тутунопроизводителите не се задоволни од откупната цена која им се нуди, рече денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески на собраниска седница за поставување на пратенички прашања.

Ристески потенцираше дека тутунарите не се задоволни од односот на владата бидејќи не биле вклучени во изготвување на откупната цена на тутун, укажувајќи дека во моментот нема откуп на тутун, а она што се предава е многу малку.

-Не се задоволни бидејќи и оваа година не се вклучени во изготвувањето на откупната цена на тутунот. Во моментот во откупувачките центри не се предава или се предава многу мала количина на тутун, додаде тој.

Пратениот Ристески објасни дека порано се произведувало и до 34 милиони килограми тутун, додека сега поради лошите политики на владата на СДС е 13 милиони килограми годишно, односно како што рече тој најниско и мизерно производство до сега во историјата.

-Морам да го изразам и моето и незадоволството на повеќе од 130 илјади тутунопроизводители, од цела таа аграрна земјоделска политика на Владата на СДС која доведе до рекордно намалување на тутун во Република Македонија. Ако во одреден период се произведуваа и до 34 милиони килограми, годинава имаме производство од мизерни и најниски до сега во историјата 13 милиони килограми. Но, и овие мизерни количини не можат да се откупат по реална цена, посочи Ристески.

Ристески истакна дека ВМРО-ДПМНЕ побарала од владата и министерството да се изготви производствена цена и на таа цена да се стават 30 проценти што ќе значи награда на тутунопроизводителите за да може да им се откупи тутунот по некоја достојна цена.

Ристески му се обрати и на Димитар Ковачевски кој му порача дека проблемот со криминалниот договор со Бехтел и Енка излегува на површина, потенцирајќи му дека сакаат на приватно плодно земјоделско земјиште од прва класа да изградат асфалтна база, паркинзи и поставување на бараки каде што е планирано да живеат 2000 работници, вели Ристески.

-Проблемите со овој криминален договор со Бехтел и Енка излегуваат на површина. Пред неколку дена имавме протест на жителите на населено место Беровци во близина на Прилеп. Ве гледаме се чудите, но да ви кажам таму вашите пријатели од Бехтел и Енка намерачиле 300 декари плодно земјоделско земјиште од прва класа, за изградба на асфалтна база, паркинзи и место каде што ќе се наместат бараки каде што се планирало да живеат 2000 работници, кажа тој и апелираше да се стопира ова и да не се уништува селото бидејќи Беровци има 400 жители. Во село кое што се уште е населено и има млади сакате да им го земете плодното земјиште од кое жителите на Беровци живеат, а само на 100тина метра има државно земјиште. Затоа апелирам тргнете ги рацете и немојте да го уништите и селото Беровци и од економски аспект, и од безбедносен.