Салмонела изолирана кај дел од заболените, сендвичарницата останува затворена
По случајот со труење на храна од сендвичарница во Штип, бројот на заболени ученици и вработени од едно средно училиште се зголеми на 17 лица.
Од Центарот за јавно здравје – Штип информираат дека кај дел од заболените е изолирана бактеријата Salmonella enteritidis.
Епидемиологот Светлана Живкова изјави:
„До сега се регистрирани 17 случаи, кај дел од нив од измет е изолирана Salmonella enteritidis. Земени се 35 примероци од храна, вработени и работни површини и се пратени во лабораторија на Институтот за јавно здравје во Скопје“.
Таа додаде дека резултатите од земените примероци сè уште се очекуваат.
Претходно беше објавено дека сендвичарницата е затворена, а од објектот се земени примероци од храната и работните површини. Извршен е и санитарен преглед на сите вработени, кои дополнително добиле и едукација.
Мајка на едно од децата што заврши на Инфективното одделение во Клиничка болница – Штип изјави дека симптомите на труење се појавиле по консумирање на сендвич со пилешки стек и пржени компири.
Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе инспекциски надзор. Објектот останува затворен додека не пристигнат резултатите од лабораториските анализи.